Прифаќање на разликите
Нема двојца луѓе кои се исти.
Тие може да изгледаат различно, звучат различно, да се облекуваат различно. Тие може да имаат различни обичаи, културно потекло, верувања и религии. Тие може да имаат различни способности. Тие може да живеат во различни куќи или во различни семејства.
Децата треба да учат дека да се биде различен е нормално.
Децата често ќе прашаат за разликите кои тие ги забележуваат кај себе си и другите.
- “Зошто е оној човек во инвалидска количка?”
- “Зошто оној човек има различна кожа од мене?”
- “Зошто оној човек носи смешни алишта?”
Малите деца обично ги прифаќаат различностите кај другите без прашање. Тие се спријателуваат со деца од различни потекла или способности или од различни семејства.
Како децата растат учат да ги почитуваат разликите од нивните родители. Вашиот однос кон културните и другите разлики ќе има големо влијание на начинот како вашите деца кои растат ќе ги третираат другите кои се различни од нив.
Размислете како вие ги прифаќате разликите. Колку сте вие толерантен према мислењата на другите? Колку трпелив и флексибилен сте вие во прифаќањето на различните обичаи, верувања и културни традиции? Колку вие ја почитувате и цените индивидуалноста? Како вие зборувате и ги опишувате другите кои се различни од вас?
Прифаќањето на различностите значи разбирање какви сме ние, колку сме различни и третирање на секого со почит без оглед на разликите.
Промовирање на прифаќањето
Помогнете им на децата да ја разберат историјата на сопственото семејство и потекло.
Разговарајте со децата за начините како луѓето од вашето семејство се различни еден од друг – секој од нив има свои добри и лоши страни, интереси и работи во кои се добри.
Поттикнете го детето да зборува за неговите погледи, прашања и грижи.
Помогнете му на детето да ги земе во предвид чувствата и мислењата на другите – да се стави себе си на местото на другите.
Помогнете му на детето да сфати дека разликите треба да се прифаќаат и ценат. Тоа можете да го сторите ако им ги покажете другите култури и луѓе со гледање телевизија или читање книги за други луѓе и места и преку учествување во локалните манифестации на заедницата.