Стравови и вознемиреност кај децата
Кај повеќето деца се јавуваат стравови во некоја фаза од развојот. Најчестите стравови се стравот од темнина, бучава, големи животни, страв да не се изгубат, страв од чудовишта и од спиење сами. Некогаш децата многу се плашат да не изгубат некој од родителите заради болест или смрт.
Вознемиреноста е, исто така, нормален дел од емоционалниот развој на децата. Кај децата, тоа може да се изрази како прекумерен страв или загриженост. Вознемиреноста кај децата може да се јави како резултат за време на големи промени во нивниот живот. На пример, децата може да бидат вознемирени кога ќе се преселат во нов дом, ќе го сменат училиштето, или ќе се вклучат во нова активност. Вознемиреноста може да се јави кога децата не разбираат што им се случува на нив или на нивните блиски.
Вознемиреноста кај децата може да се манифестира преку повеќе начини на однесување како што се конфликти со браќата/сестрите или другарите, лутење, неспиење, плачење, наметливост или инаетливост. Понекогаш е тешко да се разберат причините за ваквото однесување кај децата. Ако пратите што се случува со вашите деца, тоа ќе ви помогне да ги откриете знаците кога тие се чувствуваат вознемирени.
Како да се однесувате кон стравовите и вознемиреноста кај децата
Немојте да се смеете на стравовите или грижите на децата. Иако стравовите може да изгледаат безначајни и ирационални, тие се многу сериозни и реални за вашето дете. Обидете се да не се изнервирате и налутите.
Слушнете ги стравовите на децата. Потврдете му на детето дека ги разбирате неговите стравови и дека сакате да му помогнете.
Дајте им на децата време да ги надминат стравовите. Може да поминат недели, месеци или повеќе.
Разговорот со децата за нивните стравови и грижи може да ги направи истите помалку сериозни.
Дајте им едноставни, рационални објаснувања со што ќе се ублажи загриженоста на децата.
Зборувајте со детето за работи кои вас ве загрижувале и како вие сте ги надминале.
Избегнувајте да им велите на децата дека немаат причина да бидат уплашени. Ова може да им укаже дека вие не разбирате како тие се чувствуваат.
Помогнете им на децата да размислуваат за работи кои ќе им ја намалат загриженоста. На пример, ако детето се плаши од темнина или ноќно време, разговарајте за ноќните светилки, користејќи играчки како ‘заштитници’ и договорете се и држете се до одредено време за легнување.
Децата често пати не можат да ја објаснат вознемиреноста. Може да им е тешко да зборуваат за нивните стравови и грижи.
Помогнете им на децата да го совладаат стравот преку игра. На пример, играње доктор може да му помогне на детето да го
надмине стравот од одење на лекар.
Намалете ги стравовите следејќи што децата гледаат на телевизија. Избегнувајте да ги изложувате на несоодветни емисии кои може да ги загрижат.
Подготвувајте ги децата за ситуации за кои знаете дека ќе ги вознемират. Разговарајте за тоа кој ќе биде таму, што ќе се случи и кај кого детето може да се обрати ако е загрижено. На пример, ако започнува во ново училиште, редовно носете го детето на училиште пред првиот ден, помонете време на местото за играње за време на викендите, определете која ќе му биде училницата, каде се клозетите и каде ќе го чекате после училиштето.
Детските стравови обично се намалуваат ако детето чувствува дека ја контролира ситуацијата. Не ги терајте децата да се суочуваат со длабови стравови. Помогнете им да ја согледаат причината на стравот. На пример, ако детето се плаши од големи кучиња, полека навикнувајте ги на кучиња на безбеден начин покажувајќи им слики на кучиња во книга, играјќи со играчка куче, гледање на кучиња во продавниците за кучиња и кога ќе бидат подготвени да погалат мало, питомо кученце.
Пофалувајте ги и признавајте ги напорите на децата да ги соочат своите стравови и вознемиреност.
Избегнувајте да им кажувате на децата дека и вие сте уплашени и загрижени зашто тоа може да им го зголеми стравот. Некогаш вашата вознемиреност може да биде поголема од онаа на детето. Децата лесно може да ја забележат вашата вознемиреност.
Размислете како ќе се справите со својата вознемиреност.
Кога треба да се бара професионален совет
Иако вознемиреноста е многу честа кај децата, родителите би требало да побараат професионален совет кога вознемиреноста ќе почне да влијае на здравиот развој на детето. Ако стравовите или вознемиреноста кај вашето дете ги попречуваат нормалните секојдневни активности и се влошуваат наместо да се ублажуваат, разговарајте со општ лекар, со педијатар или училишен советник.